Skip to main content
Македонија

МОН ќе ги покрива трошоците за учество на средношколци на меѓународни научни олимпијади

15/05/2025  18:12

Министерството за образование и наука на својата веб-страница објави јавен повик наменет за акредитирани здруженија на наставници кои организираат натпревари за средношколци, со цел покривање на трошоците за котизација и пат, односно за учество на една од 15-те меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad).

Како што појаснува МОН, едно акредитирано здружение може да добие финансиски средства за учество само на една олимпијада. Пријавувањето е електронски преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk и најдоцна до 31 октомври 2025.

Во зависност од правилата на организаторите на секоја поединечна меѓународна научна олимпијада, ќе се финансира учеството на најмногу шест ученици и двајца ментори.

-За здруженијата на наставници кои испраќаат средношколци на некоја од 15-те меѓународни научни олимпијади, како и за семејствата на учениците, завршуваат грижите поврзани со учеството од финансиски аспект. Наместо самостојно да финансираат или да бараат спонзори, отсега трошоците за учество на овие престижни меѓународни натпреварувања ќе ги покрива државата. Ова е една од придобивките на измените на Законот за средно образование кои беа усвоени минатиот месец. Грижата кон младите се зголемува, наведува Министерството.

Во соопштението МОН додава дека постојано се унапредуваат ученичкиот и студентскиот стандард, со воведување нови и проширување на постојните права.

-Во изминатите неколку месеци беа прифатени повеќе барања на учениците и студентите, како поддршка на нивниот воспитно-образовен процес, а со воведувањето на оваа последна можност се поддржува потенцијалот на најталентираните, информира Министерството за образование и наука.