Skip to main content
Македонија

,,Моето дете е во гроб” – емотивни сцени и прекин на судењето за пожарот во ,,Пулс”

05/02/2026  15:20

Прекин на рочиштето и потресни сцени го одбележаа денешното судење за пожарот во дискотеката ,,Пулс” во Кочани. Додека преживеаните сведочеа за случувањата за кобната ноќ, одбраната издејствува да има прекин поради лоша здравствена состојба на еден од обвинетите.

Адвокатката на Гроздан Милковски, сопственик на објектот побара прекин на судењето бидејќи обвинетиот не се чувствувал добро.

По барањето за прекин на судењето се појави револт кај родителите, каде една од мајките на настраданите жртви ги покажа модрите вени на судијката и гласно кажа:

„Сабајле ми ја откачија инфузијата за да дојдам на судењето, попладне се враќам во болница. Моето дете е во гроб, а овој човек кој ќутеше додека му ги полнеа џебовите, сега е неарен и бара прекин“, – реагираше мајката.

Иако судијката Дијана Груевска-Илиевска првично даде само пауза, судењето на крајот беше прекинато. За преживеаните и семејствата на 63-те жртви, најголемиот страв остануваат долгорочните последици од вдишувањето на токсичниот црн чад, додека правдата, барем за денеска, е ставена на чекање.