Skip to main content
Свет

Моди и Путин го потврдија посебниот однос помеѓу Индија и Русија

01/09/2025  20:29

На денешната средба на премиерот на Индија, Нарендра Моди со претседателот на Русија, Владимир Путин, што се одржа за време на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), се разговараше за регионалната стабилност, билатералната трговија и за енергетската соработка.

Моди партнерството со Москва го оцени како „посебно и привилегирано“. Тој на состанокот на ШОС ги поздрави мировните иницијативи за запирање на војната на Русија против Украина.

За да се стави крај на конфликтот што е можно поскоро и да се воспостави траен мир, мора да најдеме начин. Ова е повикот на целото човештво, истакна Моди.

Додека Путин наведе дека врските на Русија со Индија се „посебни, пријателски и доверливи“.

Русија и Индија одржуваат посебни односи со децении. Пријателски, доверливи. Ова е основата за развој на нашите односи во иднина. Овие односи се апсолутно непартиски по природа, тие се поддржани од огромното мнозинство луѓе во двете земји, истакна Путин.

Средбата Моди – Путин е значајна бидејќи уследи неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе дополнителни царини од 25 проценти за увоз на бакар од Индија, зголемувајќи ги вкупните царини на дури 50 проценти, како одговор на континуираното купување руска нафта од страна на Индија по намалени цени.

Русија одржува силни врски со Индија уште од Студената војна, а важноста на Њу Делхи како клучен трговски партнер порасна по војната на Москва против Украина.