Skip to main content
Свет

МО на Велика Британија: Руските загуби во војната надинуваат еден милион лица

11/07/2025  18:35

Британското Министерство за одбрана денеска објави дека Русија само во текот на оваа година во војната во Украина има приближно 236.000 жртви и дека од почетокот на војната руските сили имаа загуби од над еден милион луѓе.

Повикувајќи се на податоците на Генералштабот на вооружените сили на Украина, аналитичарите забележаа дека просечните дневни загуби на Русија во јуни изнесувале приближно 1.080 лица, додека вкупно во текот на месецот руската армија изгубила 32.000 луѓе.

„Од март 2025 година, нивото на руски жртви умерено се намалува секој месец, а просечната дневна стапка во јуни била најниска од април 2024 година“, соопшти британското Министерство за одбрана на платформата X.

Податоците од британското разузнавање покажуваат дека во претходните години од руско-украинската војна, имало умерен пад на бројот на руски жртви со почетокот на летото, што укажува дека подобрените временски услови придонеле за зголемување на стапката на преживување кај ранетите.

Генералштабот на вооружените сили на Украина објави дека вкупните борбени загуби на руските трупи од 24 февруари 2022 година до 11 јули 2025 година во војната против Украина изнесуваат околу 1.031.620 лица, вклучувајќи уште 1.040 лица во изминатите 24 часа.