
Министерството за надворешни работи реагираше на информациите дека Македонија ја сменила страната и, од поддржувач на Украина, се престроила зад резолуцијата на САД во која воената окупација е оквалификувана како „конфликт“. Според МНР, тоа што го слушаме и што го гледаме не е тоа, односно промената на ставот не треба да се толкува „како повлекување или промена на претходно изразените позиции“ околу Украина, или во превод Македонија не и врти грб на оваа земја и не и врти грб на ЕУ.
Министерот Муцунски, кој петпати досега престојуваше во САД за да се доближи до новата администрација во Вашингтон, немал доблест ни да застане зад ова објаснување на МНР, а одлуката и ја препишува на „Република Северна Македонија“ место да каже дека тоа е одлука на Владата. Уште повеќе во бирократското објаснување МНР инсистира дека промената на ставот е во интерес на Украина и украинскиот народ и дека одлуката ја донеле по темелно анализирање. Поентата е дека, според МНР и Владата, можеш да ја поддржуваш политиката на Трамп за Украина и во исто време и таа на ЕУ, иако во Брисел се згрозуваат од пораките од САД.
-Одлуките на Република Северна Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешно-политички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со нашите стратешки партнери.
Во таа насока, особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.
Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.
Во оваа насока, потсетуваме дека како и во изминатите три години, така и денес и во иднина, Република Северна Македонија останува силно приврзана кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската Унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот, стои во реакцијата на МНР. (Независен)