
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои моментално се наоѓаат на територијата на оваа држава да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, од Министерството препорачуваат одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер, со цел да се избегнат потенцијални безбедносни ризици.
МНР информира дека ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција и поддршка на државјаните на Република Северна Македонија. За итни случаи, граѓаните можат да се обратат на 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, како и на електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk.
Дополнително, на располагање е и дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон +1 (202) 758-7798, како и електронската адреса washington@mfa.gov.mk.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека континуирано ја следи безбедносната состојба во Мексико и навремено ќе ја информира јавноста за сите понатамошни развои и препораки.


