Skip to main content
Балкан, Економија

ММФ: Албанија расте економски, но „фискалниот мир“ носи ризици

24/12/2025  18:42

Албанија продолжува да бележи стабилен економски раст, покажува најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд. Според проценките, реалниот бруто-домашен производ треба да порасне за 3,5 проценти во 2025 и за 3,6 проценти во 2026 година, најмногу како резултат на растот на туризмот и приватната потрошувачка.

ММФ наведува дека инфлацијата останува на ниско ниво, јавниот долг е во надолен тренд, а девизните резерви се стабилни, што ѝ дава цврста основа на земјата за спроведување реформи и исполнување на целта за членство во Европската Унија до 2030 година.

Сепак, од Фондот предупредуваат дека договорот за таканаречен „фискален мир“ може да го наруши досегашниот напредок во даночната администрација и наплатата на давачките, со што би се загрозила долгорочната фискална одржливост, особено во услови на демографски промени и раст на јавната потрошувачка. Во извештајот се потенцира и потребата од подлабоки структурни реформи, особено во човечкиот капитал, пазарот на труд и управувањето, како клучни фактори за одржување на макроекономската стабилност и приближување кон стандардите на ЕУ.