Skip to main content
Македонија

Митева замоли да не се шпекулира: На сите пациенти лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата

21/03/2025  17:39

„Како Влада будно ја следиме состојбата на социјалните мрежи каде најпрво морам да кажам дека сочувството, емпатијата, силната и искрена желба да се помогне е разбирлива, дека е повеќе од оправдана и дека се разбира за огромна почит, но во определени моменти мораме како Влада да апелираме и замолиме да не се шпекулира со информации дека на семејствата и пациентите им е потребна финансиска поддршка за лекување затоа што тоа не е вистина, на сите пациенти лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата. Во овие моменти грижа од таков аспект не им е потребна и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во делот на здравствената нега која им е потребна. Се разбира, сакам и лично, но и од името на Владата на секој граѓанин, на секој поединец, особено на волонтерите од Црвен крст и сите останати да се заблагодарам за несебичната помош и поддршка која ја даваат во овие најтешки денови“, вели Марија Митева портпарол на Владата на денешната прес-конференција.

Митева посочи дека во делот на транспорт и сместување на семејствата на повредените кои се лекуваат во други земји се информирани од страна на Црвениот крст дека за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци, но како што рече таа ова е еднократна парична помош, и во иднина екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата се во контакт со семејствата и ќе се обезбеди целосно покривање на трошоците за сместување.

„Исто така, во делот на транспортот и сместувањето сакам да информирам дека и тоа е обврска и грижа која како Влада ја реализираме. Денешниот пресек е следен: згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство. Воедно, во овој момент бевме информирани од страна на Црвениот крст дека се прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејствата кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци. Се разбира, ова не е само еднократна помош, екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата контактираат со семејствата на секои 3 часа со цел да се осигураме дека нема нови несакани состојби кои настануваат и се разбира и во идни фази континуирано во зависност од сите поединечните потреби сите средства ќе бидат насочени кон нив. Правиме се што можеме за да помогнеме и олесниме во овие тешки времиња. Уште еднаш апелирам и замолуваm да бидеме солидарни без шпекулации коишто ќе наштетат на семејствата“, децидна е Митева.