Skip to main content
Македонија

Митева: Владиното мнозинство е стабилно и без Таравари, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на реформи

20/05/2025  20:55

Марија Митева, портпаролка на Владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа. Таа говореше за актуелната ситуација околу излегувањето на Арбен Таравари од Владата и посочи дека оваа Владата е посветена на реформи и нема да учествува во задкулисните игри и политичките калкулации и пресметки. Митева додаде дека некој кој не се согласува со принципите на оваа Влада, истиот не е добредојден, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е сосема стабилна и продолжува да работи посветено за граѓаните.

„Во минатото плафон беше 61 пратеник за да се одржи власт. Задкулисните игри некако во валути се броеја, така функционираа коалициите и во минатите влади. Некако успеаја макотрпно со такви некои калкулации политички да се задржат и тоа време заврши. Тоа јасно го кажавме и во предизборието и го покажавме на дело. Ние ќе го напуштиме тој принцип, ние ќе одиме на принцип на она што значи навистина програмска определба“, вели Митева.

Во однос на оставката на министерот за здравство и неговото излегување од Владата, Арбен Таравари, таа додаде дека доколку некој кој одлучил да оди спротивно на принципите на Владата, повеќе не е добредојден во истата.

„Вие сте се согласиле за тоа и сте биле добредојден партнер во Владата во моментот кога сте одлучиле дека ќе одите спротивно на овој принцип тогаш вие не сте веќе добредојден. Владата е и повеќе од стабилна, тие го одбираат патот на неуспехот, не патот на напредокот и реформите продолжуваме уште посветено“, изјави Митева.

Митева посочи дека во Собранието веќе постои пратеничка група на Вреди која има и координатор, а многумина од партијата Алијанса за албанците не поднесоа оставки.

„Во првиот момент кога најавувате оставка, доколку ве следат луѓето и веруваат во идејата, веќе следниот ден ќе ги имате првите чекори. Денови и денови поминаа, ние немаме чекори на луѓе кои што поднесуваат оставки. Да има такви кои што тоа го прават, меѓутоа се малкумина“, истакна Митева.

Митева додаде дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму останува посветена на реформи, а граѓаните знаат да проценат дека треба да ја дадат поддршката на оние кои што ги прават реформите.

„Ќе останеме посветени на реформи а повторно ќе кажам ваквиот чекор сум сигурна дека е осуден на неуспех, иако нивната калкулација е дека можеби на локалните избори ќе имаат некој советник повеќе или некој градоначалник повеќе. Граѓаните се доволно мудри да осудат еден ваков чин и да проценат дека не секогаш треба да ја дадат поддршката за оние кои што зборуваат за реформи туку за оние кои што ги прават реформите“, заклучи Митева.