
Продолжуваме со тематските прес-конференции на кои детално и транспарентно ќе ве информираме за сите преземени активности, а уште поважно за тоа како течат процедурите и до која фаза се сите постапки. За разлика од минатото, кога институциите беа бавни, неефикасни или селективно го спроведуваа законот, денес ние демонстрираме поинаков пристап – кој се заснова на брза акција, јасни правила и нулта толеранција за неправилности, изјави Марија Митева, портпарол на Владата.
На оваа прес-конференција ќе зборуваат и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и, се разбира, заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, додаде таа.
Јас најпрво сакам да ве информирам дека ако до сега зборувавме за направени и завршени контроли и детално ги презентиравме бројките, денеска сакам да потенцирам дека и формално правно и административно, целата потребна документација којашто е поврзана со сите неодамнешни инспекции е целосно обработена. Целокупната постапка е завршена во форма на службен записник и е доставен до надлежните институции. Со ова, Државниот пазарен инспекторат и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време, обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите, изјави Митева.
Како второ, сакам да информирам дека од денеска пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објектите коишто се наменети за прослави и големи собири, како што веќе и најавивме. Овие инспекции се фокусирани на проверка дали објектите ги исполнуваат минимално-техничките услови коишто ги бара законот. Во наредните денови очекуваме нов извештај од оваа контрола, кој ќе даде појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки коишто ќе треба да се преземат, нотира во изјавата Митева.
„Нашата влада не е тука да врши аналитички пристап без конкретни чекори. Тука сме да дејствуваме. Нема да дозволиме беззаконие или двојни стандарди и ќе продолжиме да ја зајакнуваме институционалната ефикасност сѐ со цел да обезбедиме правилата да важат за сите подеднакво. Јавноста заслужува безбедност, правичност и институции кои ѝ служат, а не обратно.
Остануваме посветени на оваа мисија, а за резултатите од нашите напори, за наодите и активностите коишто се преземени како дел од овој процес редовно продолжуваме да ве информираме“, заклучи Митева.