
Непозната болест однесе повеќе од 50 животи во Демократска Република Конго (ДРК), а лекарите и здравствените власти предупредуваат на алармантно брзо ширење. Најголемата загриженост е што во повеќето случаи заболените умираат во рок од 48 часа по појавата на симптомите.
„Интервалот помеѓу првите симптоми и смртта е само 48 часа во најголем број случаи, што е навистина загрижувачки“, изјави Серж Нгалебато, медицински директор на болницата Бикоро, еден од главните центри за следење на епидемијата.
Првата епидемија избувна на 21 јануари во градот Болоко, а досега се регистрирани 419 случаи, од кои 53 со фатален исход. Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека почетниот случај се поврзува со три деца кои јаделе лилјак и починале во рок од 48 часа, откако развиле симптоми на хеморагична треска.
Втората епидемија започнала на 9 февруари во градот Бомате. Примероци од 13 пациенти се испратени на анализа во Националниот институт за биомедицински истражувања во Киншаса.
Во последната деценија, бројот на епидемии во Африка е зголемен за повеќе од 60 отсто, предупредува СЗО. Демократска Република Конго во моментов се соочува и со избувнување на мајмунски сипаници, како и со конфликти со бунтовнички групи поддржани од Руанда.