Skip to main content
Македонија

Мисајловски: Со зајакнување на економијата ќе можеме да издвојуваме повеќе и за одбраната

05/06/2025  18:17

Една од клучните поенти на денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел беше како членките да ги зголемат издвојувањата за одбраната, за што е многу важно секоја земја да има долгорочен план, изјави за МИА министерот за одбрана Владо Мисајловски.

– На состанокот се договараше сите земји заеднички да достигнат до прагот од 3,5 проценти во наредниот период од 10-тина години, но и секоја земја дополнително да вложува во инфраструктурата и во се што ќе биде поврзано во делот на безбедноста и одбраната, рече Мисајловски.

Според него, во тие дополнителни издвојувања би можело да биде опфатено и се она што е поврзано со Министерството за одбрана, со Армијата, но и со сите институции што може да помогнат во колективната безбедност и во она што би го правело буџетот на една заедничка безбедносна структура во државата.

– Многу земји веќе имаат започнато со планови како да достигнат до овие проценти. Ние исто така ќе работиме, ќе ги подобриме сите наши документи, заедничи ќе го направиме тоа со сите институции и за во наредниот период, полека, со текот на годините, да расте и Буџетот на државата, што е многу важно за да биде поголем и буџетот на Министерството, истакна Мисајловски.

Во однос на предлогот на генералниот секретар Марк Руте за постепено зголемување на трошоците до ниво од пет проценти од БДП до 2032 година, Мисајловски рече дека се разговарало за некаков просек на години за остварување на оваа цел, но дека е најважно секоја земја да го достигне тоа колку што може побрзо.

-Има некои земји кои се веќе над 3,5 проценти, има земји што веќе стигаат и до пет проценти, но она што е битно да го кажеме е дека многу земји не стигнале ни до два проценти. Развиените земји се обидуваат со текот на годините да стигнат до 3,5 проценти, што е навистина тешко затоа што тоа се големи економии, рече Мисајловски.

Сепак, посред него, ние треба да го гледаме нашиот двор и да ја подобруваме економијата, бидејќи колку што таа е подобра и колку што БДП е поголем, толку повеќе средства ќе влегуваат во буџетот на Министерството и на тој начин ќе ја подобруваме целата одбрана, при што најважно е да се модернизира самата Армија.

Мисајловски потенцира дека она што е особено важно е тоа што во рамите на овие дискусии за зголемување на трошоците се разговара и за целите за способност што ни се поставени од НАТО, како и за модернизацијата на Министерството.

-Затоа е важно овие проценти што ќе ги ставиме во Буџетот на Министерството за одбрана најмногу да се вложуваат за модернизација на Армијата. Тоа е клучно за нас како помала земја членка на НАТО, затоа што пред се треба да гледаме како да ја подобриме својата Армија, како да ја модернизираме и како да расте Буџетот на Министерството во наредните години, нагласи Мисајловски, при тоа изразувајќи благодарност што во овој момент Владата издвојува многу средства за Министерството за одбрана, што овозможува земјата да биде ниво од над два проценти од БДП во одбранбените трошоци.

Во делот на зајакнувањето на способностите за одвраќање и одбрана се наведува и потребата за зголемување на инвестициите во одбранбеното производство и наменската индустрија, што според Мисајловски е многу важен сегмент што ние како држава треба да го развиваме.

– Има доста компании, јас во последниов период сретнав десетици од нив, кои имаат интерес да инвестираат во различни сфери поврзани со одбраната и безбедноста. Ова се сериозни компании што би инвестирале многу средства. Тоа ќе ја раздвижи економијата, но исто така ќе помогне и во (достигнување на) овие проценти и за развивање на другите сфери, рече Мисајловски.
Тој посочи дека можеме да го користиме примерот на многу земји кои вложуваат дополнителни средства во развојот на науката и во поттикнување на инвестициите, нагласувајќи дека веќе има неколку компании што пројавиле интерес за тоа. Мисајловски потсети дека неодамна една компанија веќе потпиша Меморандум за разбирање за инвестирање во државата, а дека во наредниот период се очекува тоа да го стори и друга.

– Тоа е добар импулс и сигнал да привлечеме такви компании. Се разбира се работи за висока технологија, се работи за компании што многу ќе придонесат за економијата. Тоа е одлучен сегмент како да ги привлечеме овие компании што произведуваат не само оружје и муниција, туку и висока технологија, што навистина и се потребно на нашата држава, додаде Мисајловски.

На состанок се говорело и за можностите на секоја земја од НАТО да и помага на Украина, но за очекувањата да се постигне мир во земјата.

– Она што е клучно, што се разговара, е како да има прекин на огнот и тоа да трае во еден период во кој ќе може да се постигне мировен договор, кој ќе трае низ годините и годините, а не да биде нешто што би траело кратко, рече Мисајловски.

Тој посочи дека ние во минатото значително и помогнавме на Украина и ќе продолжиме да помагаме колку што можеме, но дека е најважно и нашата држава да добива од тој процес.

Ние не можеме засекогаш да даваме опрема. И ние мораме да се модернизираме и да имаме нова опрема и тоа е најважно. Најважното од се е дека јас овде ја претставува државата Македонија и се борам Македонија да има подобри ресурси и се разбира подобра Армија, потенцира Мисајловски во изјавата за МИА.