Skip to main content
Македонија

Мисајловски: Нема да има македонски војници во Украина

12/03/2025  14:24

Нема да има македонски војници на украинско тло, тоа досега никој не го побарал од нас како држава, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски по посетата на припадниците на Првиот пешадиски баталјон на Армијата во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево.

– Како земја-членка на НАТО сме четврта по ред земја во доделена помош за различна опрема за Украина. Она што оваа Влада го направи во изминатиот период е тоа што додели уште еден пакет, но сега во овој период се смени наративот во геополитиката во светот и она што можеше да се слушне е дека на масата е предлог за мир и ние сме држава која е насочена кон мирот, рече Мисајловски во одговор на новинарски прашања.

Мисајловски рече дека во мирното решавање треба да се гледа најголемата шанса, бидејќи тоа ја опфаќа и колективната безбедност.

– Најпрво има потреба за мир, а потоа ќе има потреба за дополнителна помош кон Украина особено за обновата на земјата во инфраструктура, во капацитети, но првин да се дојде до мирно решение при што ние стопроцентно застануваме зад мирно решение, рече министерот.