
Македонија е обоена во црвено. Од Кичево до Кочани, од Брвеница до Валандово. Граѓаните го направија вистинскиот избор. Со освоени 54 општини и Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори. Владината коалиција на овие избори докажа дека е повеќе од стабилна и легитимна, со вкупно освоени 66 општини од вкупно 81. Оваа голема победа е и голема одговорност и обврска за работа и испорачување на резултати – соопшти на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.
Тој изрази благодарност до граѓанините кои ја поддржале ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
– Ветуваме дека нема да ве разочараме и обезличиме. Нашиот образ мора да биде чист, а тоа ќе го направиме со работа и со проекти. Историска победа и обединувањето на народот на Кичево поради што падна и Фатмир Дехари и ДУИ е благодарност до секој еден Албанец, Ром, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, и сите останати кои го дадоа гласот за Александар Јовановски. Обединувањето во Кичево е пример како ќе се гради Македонија. Огромна победа во Брвеница на Јовица и покрај сите дејствија кои ги презема неговиот противкандидат, Јовица и жителите на Брвеница издвоија голема победа. И во Брвеница, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, и сите останати, покажаа дека националните и етничките приказни на одредени структури, паѓаат во вода. Сотир Лукровски е новиот градоначалник на општина Карпош. Огромна и важна победа во Карпош – потенцира Мисајловски.
Посочи дека победа издвојувале и во Град Скопје, а Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на главниот град и тука, како што рече, имаме навистина многу работа.

– Граѓаните одбраа и промени во Валандово, во Дојран, во Дебарца, во Демир Капија, во Крушево, во Пробиштип, во Росоман, во Чучер Сандево, таму локалната власт ќе биде раководена од нови кадри, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Победивме и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце, Чешиново-Облешево. Опозицијата на овие избори е длабоко поразена. СДС и ДУИ, мора да се реформираат. Нивните политики граѓаните ги имаат прочитано и повеќе не поминуваат. На Македонија и е потребна конструктивна опозиција, која ќе дава аргументирана критика и поддршка на реформите. Кадровските промени на неколку луѓе во СДС, не е реформата која им е потребна. Проблемот во СДСМ е Филипче, затоа што е продолжена рака на Заев и се додека е така, СДСМ ќе тоне – изјави Мисајловски.
Ги слушаме, како што рече, и граѓаните кои не излегоа на изборите и оние кои излегоа и ги направија своите гласачки ливчиња неважечки.
– Ние ќе работиме да го промениме нивното мислење со работа и со проекти. Доста е веќе Македонија да биде апатична. Време е работите да ги промениме и да покажеме дека народот заслужува повеќе. Нашите граѓани заслужуваат повеќе. И веќе сега во Брисел, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски активно се бори за нашите заложби за членство во ЕУ. Мора да бидеме горди, достоинствени и со интегритет – порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

