Skip to main content
Македонија

Мисајловски: Безбедносната состојба е стабилна, мора да внимаваме на потенцијалните економски индикатори

20/03/2026  08:43

Безбедносната состојба во државата е стабилна, но институциите внимателно ги следат глобалните случувања и нивното можно влијание врз економијата, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21, Мисајловски посочи дека надлежните служби постојано ја анализираат состојбата и подготвуваат извештаи за безбедносните ризици.

– Честопати изнесувам само некласифицирани информации. Безбедносната состојба во Македонија е стабилна, но мора да внимаваме на потенцијалните економски индикатори, изјави Мисајловски.

Тој нагласи дека овие прашања биле разгледувани и на седница на Советот за безбедност на Северна Македонија, каде што било посочено дека глобалните кризи можат директно да влијаат врз економските текови.

Според министерот, една од најчувствителните точки е состојбата околу Ормуската Теснина, низ која минува значителен дел од светската трговија со нафта.

– Околу една петтина од светската нафта поминува низ Ормуската Теснина. Кога таму има тензии, тоа веднаш влијае врз пазарите и економијата, истакна Мисајловски. Тој додаде дека веќе се чувствуваат последици на глобалните пазари, особено во делот на енергенсите.

– Може да видиме дека на бензинските пумпи се јавуваат ценовни шокови за граѓаните, со покачување на цените на енергенсите и горивата. Тоа се процеси кои зависат од глобалните случувања, но нивната рефлексија се чувствува и кај нас, рече министерот.

Мисајловски потенцираше дека институциите продолжуваат внимателно да ја следат ситуацијата, со цел навремено да се реагира доколку има поголеми безбедносни или економски последици.