Skip to main content
Македонија

Министрите Мисајловски и Хелез на првиот академски час на Воената академија: Академијата е симбол на знаење и лидерство, со високо реноме и квалитетна настава

01/10/2025  15:43

Министерот Владо Мисајловски и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез кој престојува во официјална посета на земјава присуствуваа и се обратија на првиот академски час на Воената академија, со што и официјално започна новата учебна година за идните офицери.

На новите питомци, министерот Мисајловски им порача да бидат горди што се дел од етаблирана и регионално позната Академија која ги создава идните лидери за македонската Армија и за вооружените сили на неколку земји од регионот.

„Вие сте срцето на татковината, од вас ќе излезат нови генерали, офицери. Гордост е да се види оваа слика со македонската униформа, но и со питомците од пријателски земји кои се заедно со нас”, им порача министерот Мисајловски на питомците. Додаде дека со вклучувањето на питомци од Босна и Херцеговина и Црна Гора, ја развиваме регионалната соработка, а Академијата е симбол за знаење и лидерство. „Бидете силно ангажирани, покажете како се сака татковината зашто вие сте иднината на Армијата”, рече Мисајловски.

Министерот Хелез истакна дека целите – стабилност, мир и членство во евроатлантските структури не се само политички аспирации, туку потреба за нашите народи за сигурност, просперитет и достоинствен живот. „Министерството за одбрана и вооружените сили на Босна и Херцеговина продолжуваат со интензивните реформи, за да бидеме целосно интероперативни со силите на НАТО и во согласност со европските стандарди. Во тој процес, искуствата и поддршката од земјите како вашата кои поминаа низ тие фази за нас се драгоцени”, рече министерот.

На првиот академски час се обрати и деканот на Воената академија, полковникот Ненад Танески на питомците им порача дека „униформата која ја носите е симбол на чест, доверба и служба, кон татковината и кон регионалната безбедност и мир”, укажувајќи дека средбата во ист состав, по четиригодишното образование, кога питомците ќе бидат промовирани во потпоручници, ќе биде најдобрата потврда за заедничкиот успех.