
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети со цел да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар што се случи во Кран-Монтана.
Како што информираат од Министерството, веќе се постапува во тесна координација со Дирекцијата за заштита и спасување на Република Северна Македонија, а преку Координативниот центар на Европската Унија за одговор на итни случаи (EU ERCC) е воспоставен и официјален канал на комуникација со здравствените власти во Швајцарија.
Министерството за здравство упати искрено сочувство до семејствата на настраданите и изрази најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан, нагласувајќи дека Република Северна Македонија е подготвена да помогне во рамки на своите можности.

