
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес го потпишаа договорот за грант како дел од Вториот јавен повик за доделување грантови за проширување на капацитетите на установите за згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст.
Овој јавен повик се реализира во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој Министерството го спроведува со поддршка од Светската банка и е насочен кон една од клучните цели – зголемување на опфатот на деца во квалитетно и достапно предучилишно образование.
Во рамки на Вториот јавен повик до општините и општините во градот Скопје, аплицираа вкупно 15 општини. Проектот има за цел да го прошири пристапот до услугите за згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст, како и генерално да го подобри квалитетот на предучилишните услуги во државата.
„Со потпишувањето на денешниот договор се обезбедуваат финансиски средства во висина од еден милион и триста педесет илјади денари со вклучен ДДВ (1.350.000,00), од страна на Министерството, за адаптација и опремување на просторот на месната заедница во с. Драчево („Подстаница”), со што ќе се прошири капацитетот за згрижување деца од 1 до 6 години. Оваа инвестиција ќе овозможи создавање нови услови за згрижување на повеќе од 40 деца, што претставува значајна поддршка за младите семејства и вложување во иднината на општеството,” истакна министерот Лимани.
Министерот Лимани ја истакна посветеноста на Општина Кисела Вода, која со навремено аплицирање и подготвеност за имплементација на проектот покажа дека локалната самоуправа може да биде двигател на позитивни промени, насочени кон реалните потреби на граѓаните.
„Веруваме дека со оваа соработка поставуваме пример за успешно партнерство помеѓу централната и локалната власт, кое води кон одржлив и инклузивен развој на системите за социјална грижа и образование”, изјави министерот Лимани.
Во периодот што следи, Министерството ќе продолжи да биде силен и доверлив партнер во реализацијата на сите планирани активности и ќе работи на обезбедување поквалитетни, подостапни и инклузивни услуги за децата и нивните семејства низ целата држава.