Skip to main content
Свет

Министерот за надворешни работи на Венецуела: САД ја сакаат нашата нафта

03/01/2026  19:41

Министерот за надворешни работи на Венецуела, Иван Гил денеска изјави дека САД извршиле „подмолен и кукавички напад од грб“ во кој биле убиени цивили и воени професионалци, но дека народот на јужноамериканската земја бил обединет и мирен.

– САД воено ја нападнаа Венецуела за да ја погазат волјата на нејзиниот народ и да ја украдат нејзината нафта и други ресурси, рече Гил во телефонски разговор од Каракас со шпанското национално радио РНЕ.

– Тоа беше подмолен и кукавички напад од грб во кој загинаа цивили и воени професионалци. Тоа убиство го изврши американската влада, додаде тој.

Гил рече дека ова е јасно кршење на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации.

– Венецуелската армија е распоредена на терен, одлучна и гарантира безбедност на граѓаните, рече тој. „Ќе ја победиме секоја агресија“, истакна Гил.

Тој рече дека народот е „мирен и обединет“ и оти институциите функционираат, и покрај „несразмерното бомбардирање“ кое предизвика загуба на човечки животи и материјална штета. Тој не го прецизираше бројот на убиени, додавајќи дека сè уште собираат информации за последиците од нападот.

Гил од Каракас изјави дека Мадуро е легитимен претседател на Венецуела и дека земјата продолжува да функционира преку потпретседателот и парламентот, како што е пропишано со уставот.

– Функционира совршено и гарантира мир, заклучи тој.