
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Охрид беше домаќин на својот албански колега, министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани.
Во фокус на средбата беше унапредувањето на добрососедските односи и продлабочувањето на соработката меѓу двете земји во сите области од заемен интерес, со акцент на прашања од економската сфера – трговската размена, инвестициските можности и инфраструктурните проекти кои ги поврзуваат земјите долж Коридорот 8.

Двајцата министри разговараа и за тековните евроинтегративни процеси, регионалната соработка и можностите за меѓусебна поддршка на кандидатурите во рамки на регионалните иницијативи и мултилатералните организации.
Во рамки на посетата, министрите Муцунски и Хасани присуствуваа на церемонијата на свеченото отворање на Генералниот конзулат на Република Албанија во Струга, што претставува значаен чекор во насока на продлабочување на конзуларната, но и политичко-економската соработка меѓу двете земји.