Skip to main content
Македонија

Министерот Муцунски се обрати на првиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранско-јонската иницијатива во Њујорк

22/09/2025  16:22

Денес, на маргините на 80. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, се одржа првиот состанок на министрите за надворешни работи на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ) – настан кој претставува историски момент и потврда за заедничката посветеност кон регионалната соработка, европската интеграција и конструктивниот мултилатерализам.

Состанокот беше организиран од страна на Република Северна Македонија, која ја презеде едногодишната улога на претседавач со ЈЈИ за периодот 2025–2026 година. Во своето обраќање, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја истакна симболиката на оваа година, кога се одбележуваат пет години од приклучувањето кон ЕУ Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), седум години членство во ЈЈИ и 25 години од потпишувањето на Анконската декларација – основата на оваа регионална иницијатива.

Под мотото „Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина”, македонското претседателство ја афирмира својата определба за продлабочување на интеграцијата и соработката меѓу земјите членки и нивната врска со Европската Унија. Муцунски ја нагласи потребата од кредибилен процес на проширување на ЕУ, истакнувајќи дека Западен Балкан мора да остане стратешки дел од европската иднина.

Во тој контекст, беа претставени приоритетите на македонското претседавање: зајакнување на ЕУ интеграцијата и регионалната доверба, дигитална трансформација, подобра инфраструктурна поврзаност, културна соработка и поддршка за младите. Во време на глобална неизвесност беше испратена јасна порака: „Единството е нашата сила, а европската интеграција – заедничка цел.”