Skip to main content
Македонија

Министерот Хоџа се сретна со првиот човек на ЕБРД: Забрзување на клучните еколошки инфраструктурни проекти

22/01/2026  16:14

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа оствари работна средба со директорот на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во Скопје, Фатих Туркменоглу,  на која беа разгледани тековните и идните проекти во областа на управувањето со отпадот и водната инфраструктура.

На средбата беше ставен акцент на Регионалниот проект за управување со цврст отпад, кој се реализира со финансиска поддршка од ЕБРД, како и на проектот за изградба на Пречистителната станица за отпадни води за градот Скопје-еден од најзначајните еколошки инфраструктурни проекти во државата.

Министерот Хоџа ја нагласи важноста на партнерството со ЕБРД, оценувајќи дека поддршката од Банката има клучна улога во воспоставувањето на регионални системи за управување со отпад, подобрувањето на квалитетот на животната средина и усогласувањето со европските стандарди.

Во рамки на средбата беа разгледани и тековните активности, динамиката на реализација, како и отворените прашања поврзани со инфраструктурните зафати, при што беше изразена заедничка подготвеност за нивно навремено надминување.

Двете страни ја потврдија заложбата за продолжување и продлабочување на соработката, со фокус на одржливи инвестиции, заштита на животната средина и поддршка на зелената транзиција на Северна Македонија.