
Текст:
Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, и министерот за јавна администрација на Република Словенија, Франк Пропс, денес потпишаа Меморандум за соработка, со кој се зацврстува билатералната соработка и се отвора ново поглавје во размената на искуства и добри практики во областа на јавната администрација.
Министерот Минчев истакна дека ова е втор ваков меморандум потпишан со земја од регионот, но прв со земја членка на Европската унија, што претставува значаен чекор во насока на европската интеграција на Република Македонија.
„Нашата визија е создавање модерна, ефикасна и транспарентна јавна администрација која ќе биде во служба на граѓаните и бизнисите. Со потпишувањето на овој меморандум, не само што учиме од успешните словенечки искуства, туку и создаваме основа за заеднички иницијативи кои ќе донесат конкретни подобрувања во јавниот сектор“, изјави Минчев.
Меморандумот предвидува соработка на повеќе клучни аспекти, меѓу кои:
- Подобрување на управувањето со човечки ресурси преку европски практики за селекција, обука и развој на кадарот;
- Зајакнување на професионалниот развој на административните службеници со заеднички обуки и современи образовни програми;
- Поддршка за управување со квалитетот во јавната администрација преку алатки за мерење перформанси и подобрување на институционалната ефикасност;
- Развој на иновативни дигитални решенија за подобар пристап до јавни услуги и автоматизација на процесите;
- Приближување кон европските стандарди преку усогласување со регулативите на ЕУ;
- Следење и евалуација на реформите за подобро прилагодување на политиките кон реалните потреби.
Министерот Минчев изрази уверување дека ова партнерство ќе придонесе кон конкретни резултати во модернизацијата на јавната администрација и ќе послужи како пример за успешна регионална соработка.
Министерот Пропс ја потврди поддршката на Словенија за реформските процеси во Македонија, нагласувајќи дека искуствата од словенечката администрација можат значително да помогнат во европските реформи.
Овој меморандум претставува важен чекор во процесот на европска интеграција и создавање поефикасна и потранспарентна јавна администрација во корист на граѓаните и економијата на двете земји.