Skip to main content
Македонија

Милошоски: Груби проценил дека нема да има промени во власта во земјава

23/02/2026  20:22

Антонио Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување на телевизија Алсат истакна дека според него Груби самиот ја проценил ситуацијата дека нема да има промени во власта во земјава. Како што вели тој, станува збор за функционер кој се најде на црната листа на САД, и затоа ниедна земја не би била гостопримлива да му овозможи престој.

,,Политички ако се разгледа самото негово однесување, па и ако се поврзе со однесувањето на ДУИ во изминатиот период. Веројатно во изминативе 12  или 14 месеци имал време да процени дека нема да има брзи политички промени во однос на власта во Македонија. Тоа што ДУИ го очекуваше или го најавуваше после поразот нивниот пораз на изборите. И тоа може да биде една и од мотивациите на господинот Груби да не одолговлекува и да се пријави на органите на прогонот“, рече Милошоски.

Според него, овде станува збор не само за лице кое што е осомничено од македонското јавно обвинителство, туку како што вели тој, се работи за функционер којшто се најде на црната листа на САД.

 ,,Било која земја, каде и да престојувал, без да прејудицирам, не верувам дека е расположена таквото гостопримство да му го овозможи бесконечно. Дипломатскиот притисок од една или од друга страна може да биде скап на таа земја која што би била домаќин на еден ваков човек којшто е осомничен“, истакна Милошоски.

Милошоски порача дека власта смета оти е време за одговорност, без да прејудицира како ќе започне или заврши процесот. Тој вели дека немало никаква информација во однос на предавањето на Артан Груби.

,,Во Собранието не сме имале таква информација, но политичките проценки што сме ги имале вака како владеачко мнозинство, особено после изборите и во Косово информирањето таму на една постабилна влада со која што господинот Груби, можам  да кажам ете и нема некои најдобри релации, проценките беа дека порано или покасно ќе се појави пред органите на прогонот“, заклучи Милошоски.