
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет физички и едно правно лице поради сомнежи за злоупотреби при јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта.
Како што информира обвинителството, истрагата е насочена кон тогашниот управител на агенцијата за обезбедување и правното лице, кои се товарат за кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ (член 275-в од Кривичниот законик). Во исто време, поранешниот директор на ЈП за државни патишта, еден од потписниците на договорот и двајца службеници одговорни за контрола на реализацијата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за фалсификување службени исправи.
Според обвинителството, на 8 август 2022 година бил склучен договор со агенцијата за обезбедување, со кој се обврзала да врши 24/7 физичко обезбедување на сите 14 наплатни станици во период од две години. Меѓутоа, наместо да го почитува договорот, агенцијата обезбедувала делумна заштита, најчесто само во прва смена, но сепак наплаќала услуги како да обезбедува целодневно покритие.
Поранешниот директор на Јавното претпријатие, кој бил одговорен за законитоста на работата и надзорот над извршувањето на договорите, не ги презел потребните мерки за контрола, иако знаел дека договорот не се почитува во целост.
Дополнително, двајца раководители на сектори за наплата на патарини и контрола, кои биле задолжени да го следат и потврдуваат извршувањето на договорот, дозволиле нерегуларностите да продолжат. Иако биле свесни дека обезбедувањето не се врши 24/7, тие потпишувале барања за плаќање и ги одобрувале фактурите. Вториот потписник на договорот, и покрај тоа што бил свесен за неправилностите, ги одобрил исплатите кон агенцијата за обезбедување.
На овој начин, според обвинителството, на компанијата ѝ била овозможена противправна корист во износ од 46.918.079 денари, нанесувајќи штета од големи размери на ЈП за државни патишта.
Јавниот обвинител достави предлог за притвор за првиот осомничен, додека за останатите лица се предложени мерки на претпазливост. Основниот кривичен суд Скопје треба да одлучи за понатамошниот тек на постапката.