Skip to main content
Македонија

Миленко Неделковски со скандалозен став по вчерашните протести: Да даде Господ на смртта на најмилите на денешниве што протестираа, некои други да злоупотребат и да протестираат

25/03/2025  08:23

Миленко Неделковски во објава на социјалните мрежи повикува на смрт на блиските на демонстрантите што синоќа протестираа во Скопје.

Неделковски упати сериозни навреди и дисквалификации кон повеќе учесници на протестите што се одржуваат низ државата. Со шокантната објава во последната реченица тој посакува смрт на најблиските на оние што протестираа.
„Да даде Господ на смртта на најмилите на денешниве што протестираа, некои други да злоупотребат и да протестираат. За да видат како е“, напиша Неделковски на крајот од постот, кој веднаш предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.

Објавата, која е полна со лични навреди кон организаторите и поддржувачите на протестите, вклучува и тврдења за нивни наводни политички и криминални врски. Меѓу другото, тој ги нарекува „криминалци“, „платеници“, и „вработени во Сорос“, а протестот го нарекува обид за „профитирање на сметка на трагедија“.

Инаку синоќа во Скопје најмалку 10.000 граѓани на мирен протест побараа одговорност и системски промени по трагедијата во Кочани каде животот го загубија 59 лица.

Јавноста, особено на социјалните мрежи, остро реагираше на содржината на објавата на Неделковски, а засега нема реакција од новинарските здруженија и активисти за човекови права.