
„Не може да одговара службено лице за тоа што некој во својот дом или приватен објект не поставил уреди за заштита од пожар. Тоа е правно невозможно.“ Со оваа теза, познатиот адвокат Еленко Миланов, бранител на поранешниот директор на ДЗС Беким Максути, ја оспори правната квалификација на обвинението. Тој нагласи дека обвинението го товари Максути за дела кои, според закон, можат да ги сторат само сопственици или корисници на објект, а не државни функционери. „Како може Беким Максути да одговара затоа што приватниот објект ’Пулс‘ немал противпожарни уреди? Како може тој да ги одржува во исправна состојба? Нема причинско-последична врска меѓу неговата функција и пожарот,“ истакна Миланов.
Адвокатот посочи дека причината за трагедијата е јасна и одамна утврдена – непромислена употреба на пиротехника од страна на бендот, кои и самите страдаа фатално во пожарот. Според него, недостатокот на инспектор за заштита и спасување во Кочани не е причината за пожарот. „Од 2009 година нема инспектор на ДЗС во Кочани. Ќе ви докажеме дека и денеска нема, но тоа не е причина за пожарот,“ додаде Миланов.
Тој истакна дека објектот „Пулс“ бил изграден во периодот од 1999 до 2001 година, односно пред воопшто да биде формирана Дирекцијата за заштита и спасување (во 2005 година), како и дека до ДЗС никогаш не била доставена проектна документација за овој објект. Беким Максути (47), кој беше директор на ДЗС од 3 ноември 2020 до 20 август 2024 година, се товари за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Обвинителството го товари за системска негрижа, наведувајќи дека не донел одлука за назначување инспектор во Кочани, оставајќи ја општината без надзор за заштита и спасување. Му се става на товар и дека годишните планови за работа останале формални документи, без спроведување реален надзор врз ризични објекти како „Пулс“. Според обвинението, тој не презел мерки да се осигура дека објектите поседуваат Елаборат за заштита од пожари и План за спасување, што, како што тврди обвинителството, придонело за хаосот за време на евакуацијата.

