Skip to main content
Македонија

Михајловски: Очекуваме поголем број на советници кои ќе го направат Штип подобро место за живеење

13/10/2025  21:12

Димитар Апасиев, лидерот на Левица, денешните средби со граѓани во рамки на предизборната кампања ги заврши во Штип. Претходно, во текот на денешниот ден оствари средби со граѓани во Свети Николе и Кочани. И во Штип Левица наиде на топол и срдечен прием од граѓаните кои по секои средби лице в лице се се’ поотворени и подоверливи кон партијата. Од средбите, како што велат носителот на листа Ангеле Михајловски и кандидатите за советници, може да се забележи дека Левица ја стекнала довербата на народот, а народот бара промени.

На средбата Михајловски истакна дека континуитетот на Левица во рамки на штипскиот совет продолжува и во новиот мандат. „Ако пред четири години нашата идеја беше да влеземе во институциите на системот, сега, после четири години, нашата цел е многу повисока. После 19 октомври очекуваме многу поголем број на советници кои уште пожестоко ќе се борат за остварување на заедничките интереси на жителите на Штип, но и смело ќе се спротивставуваат на неразумните и штетни политики на локалната власт”.

Претставувајќи ја изборната програма истакна дека главниот акцент во наредните четири години е: модернизација на занималните во градинките и училниците во општинските основни училишта во Штип, изградба на Домот за лицата од третата доба, како и Центар за рехабилитација на лица со попреченост, институционално решавање на сообраќајниот метеж со изградба на најмалку две општински катни гаражи во централното градско подрачје кои би ги опслужиле сите возила од двете главни сообраќајници покрај река Отиња, изградба на функционален и безбеден кружен тек на спојот помеѓу населбите Балканска и Чардаклија, како и кружен тек на местото на нефункционалните семафори во населбата Сењак и продолжување на пешачката и велосипедска патека од населбата Балканска до Стар Караорман.

„Ова се само дел од проектите што ги предвидуваме во Програмата на Левица за поубав и побезбеден Штип”, заврши Михајловски.