Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали очекува разврска во однос на вчерашната изјава од собраниска говорница дека бил следен како лидер на паравоена формација, изјави:
„Финансиер. Инспиратор и финансиер на милитантна, вооружена, паравоена, параполициска и веќе не знам каква структура. Инаку она што е интересно, од тоа што можам да го кажам и да го споделам со јавноста е дека овие списи, извештаи или како да ги наречам, дебрифинзи се креирани на почетокот на 2020 година, кога е изборна година. Замислете една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која, располага со вакви информации, во која што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури, вооружени, а при тоа не го информира Министерството за внатрешни работи. И се поставува прашањето зошто не го информирала. Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше господинот Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин, преку монтажа, да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент, ВМРО-ДПМНЕ. Останатото, еве оставам до Обвинителството, впрочем тоа зборувавме и со обвинителот на настанот. Да допре гласот на Обвинителството, па да видиме тие, дали овој глас ќе допре до нив и дали после ова допирање на овој глас, тие ќе преземат некакви мерки.”