„Не знам каде се препознале. Дали можеби имаат грижа на совест, па работи потсвеста, Фројд е чудна работа. Но, јас нема да навлегувам во таква дебата“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарското прашање што подразбира под македонско прашање бидејќи од Атина го обвинија за иредентизам.
Тој истакна дека македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на Европската Унија.
„Второ, вие знаете дека Судот за човекови права има донесено плејада пресуди коишто се однесуваат на човековите права на македонската заедница во нашиот источен сосед, коишто не се почитуваат. Зборуваме за 21 век, зборуваме за земја членка на Европската Унија којашто не ги почитува човековите права на македонската заедница. И тоа е нешто коешто претставува сериозен проблем. Вие гледате дека во 21 век сѐ уште е предизвикан и македонскиот идентитет. Би било неодговорно, несериозно, издајнички од мене ако јас кажам дека македонското прашање е затворено. Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање сѐ додека ја вршам оваа улога којашто ја вршам, а тоа е претседател на македонската Влада, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат од човекот којшто ја предводи македонската Влада“, изјави премиерот Мицкоски.
„Јас знам дека во минатото имало луѓе коишто ја предводеле македонската Влада, коишто македонското прашање воопшто и не им било ни меѓу првите 10 приоритети, но ќе ве молам да се навикнете на Влада во којашто прв приоритет на претседателот на Владата му е македонското прашање“, заклучи Мицкоски.