
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница уште еднаш повтори дека иднината на земјава е во Европската унија и дека Владата ќе стори се што е во нејзина моќ да се реализира оваа стратешка цел, но без двојни стандарди и согласно Копенхашките критериуми.
– Не треба да има дилема дека иднината на Македонија е во рамки на Европската унија. Пристапот за да дојдеме до реализација на таа цел е поинаков. Претходната влада имаше пристап со кој мислеа дека ако прифатат се што ќе им биде ставено на маса, ќе бидат ослободени од криминалот и корупцијата. Но, граѓаните минатата година на изборите избраа по која патека ќе се движи државата, а тоа е траекторијата на правичност, работа и чесност, рече Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашања на денешната собраниска седница.
Претходните премиери, како што рече, многупати досега не ја кажувале вистината и влегле во авантура да прифатат нешто без да има гаранција и предвидливост во понатамошниот процес.
– Ние не размислуваме така, туку сосема поинаку – ќе сториме се што е во наша моќ да ја реализираме оваа стратешка цел, но без двојни стандарди и согласно Копенхашките критериуми и да имаме двонасочна, а не еднонасочна улица, рече Мицкоски.
Повикувајќи се на тоа како Европската унија ги градира државите од регионот по нивото на подготвеност, Мицкоски рече дека најслабо рангирана е Босна и Херцеговина, а пред неа се Косово и Албанија, додека Македонија и Србија се на слично ниво, а предводник во групата е Црна Гора.
– Ова е табелата што ја градира Европската комисија според нивото на подготвеност, рече Мицкоски.
Посочи дека како држава сме први во однос на усогласувањето на надворешната и безбедносната политика, а го имаме воведено и Единствениот европски платежен систем СЕПА.
