
Детално се анализираат сите фактори кои влијаат врз цените на храната и многу се внимава какви мерки ќе бидат донесени. Владата сака трајни, а не популистички решенија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Како што напомена, одговорајќи на новинарски прашања, праксата покажа дека ограничувањето на маржата само се прелева во другите месеци и потоа цените се балансираат. Тоа е замка, дополни, во која не треба да западнеме.
Премиерот е дециден дека причина за растот на инфлацијата се услугите.
-Одиме ставка по ставка, многу студиозно, детал по детал, додека не дојдеме до конечната одлука што понатаму. Многу сме внимателни во носењето мерки. Очекувам анализата што ја правиме многу скоро да биде готова. Анализираме производ по производ, групи на производи и услуги за да дојдеме до трајно решение. Сите инпути во равенката ги анализираме и засега излегуваме со ад-хок решение за септември, тоа е училишната кошничка. За трајно решение ќе ни оставите уште малку простор. Не сакаме популистички мерки, туку сакаме трајно решение. Праксата покажа дека ако само ја ограничиме маржата кај одреден дел производи, посебно прехранбените, таа потоа се прелева во следните месеци и на крајот се нивелира. Не сакаме да западнеме во таа замка- потенцира Мицкоски по посетата на Општина Петровец.
Тој истакна дека се следат случувањата и во регионот.
– Ги следиме случувањата во регионот и отприлика инфлацијата во јули секаде е околу 4 – 5 отсто, поради услугите. Во рамки на просекот во првите шест – седум месеци ние сме под земјите во регионот што се должи, пред се, на ограничувањето на маржата во март и април која потоа се прелеа во мај, јуни и јули. Услугите се засега најголемиот генератор на зголеменото ниво на инфлацијата. Тоа значи дека зголемените плати и пензиите прават притисок врз побарувачката, имаме зголемена побарувачка и луѓето можат да ја платат цената за услугата, а тие што ја нудат, ги качуваат цените на услугите се додека консументите можат да платат. Ако ги исклучиме процесуираната храна и останатите производи од синџирот, ќе видиме дека најголемиот дел генератори на инфлацијата се услугите. Ресторанските услуги, на пример, се 24 – 25 отсто зголемени во однос на истиот месец лани, исто и транспортните. Кај овошјето има огромно зголемување, двоцифрено, кај јаболки, банани, лимони- објасни премиерот.