Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Во вторник треба да се знае дали и за колку поскапеле основните прехранбени продукти во април

09/04/2026  17:54

Претседателот на Владата, Мицкоски најави дека во вторник следната недела треба да биде познато дали и евентуално за колку има разлика во цените на основните прехранбени производи, односно дали и колку тие поскапеле на почетокот на април, споредено со февруари оваа година.

Премиерот Христијан Мицкоски одговара на новинарски прашања за време на денешната посета на Струга / Фото: Владата на РС Македонија, Сектор за односи со јавност.

Како што информира Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Струга, на последната владина седница во вторникот (7 април) Министерството за економија и труд добило задача да направи компаративна анализа на цените на основните прехранбени производи на почетокот на февруари и на почетокот на април оваа година.

„Очекувам сега во вторник, мислам дека е 14 април, кога е владината седница, Министерството за економија и труд да излезе со детална анализа и тогаш би можеле повеќе да кажеме“, рече Мицкоски, кој беше прашан дали инспекциските контроли утврдиле поскапување на јајцата и за колку, доколку е тоа случај.

Сепак, како што рече, податоците што во моментот ги имаат од Еуростат и од Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата на месечно ниво за февруари во однос на март во земјава изнесува 0,7 проценти. Според Мицкоски, тоа значи дека Македонија е петта земја во Европа по најниска инфлација.

Пред нас, рече, се само Белгија, Естонија, Словенија и Словачка.

Ова, рече Мицкоски, го кажува и под ризик да биде нападнат од одредени структури, но, како што додаде, „тоа се фактите и бројките“.

„Сите останати земји на месечно ниво имаат инфлација од над еден процент, а има и такви и не се малку коишто се со инфлација од над два проценти. Таков е примерот со нашиот јужен и со нашиот западен сосед, зборувам тука за Албанија и за Грција. Има држави и со два и пол и со повеќе од два и пол проценти месечна инфлација, што ќе каже дека на месечно ниво оние состаноци кога започна кризата, кога разговаравме, вродија со плод“, рече премиерот.

Дополнително, вели Мицкоски, не може да се компарираат цените на основните производи сега со оние од минатата година, бидејќи тогаш во сила беа потрошувачките кошнички по повод верските празници.

„Факт е дека минатата година имаше потрошувачки кошнички по повод верските празници и тоа ја намалува основата со којашто се компарира. Така што еве да го почекаме извештајот и со повеќе детали би можел да зборувам во вторник по владината седница“, изјави Мицкоски.

Во однос на цените на нафтата и нафтените деривати, премиерот рече дека и покрај нивното намалување, предизивците остануваат и тие се следат на дневна основа.

Сепак, како што истакна, Владата се справува прилично стабилно со предизвиците и покрај, како што изјави денеска, историски најголемиот обем на криза.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој изјави дека државата има доволно резерви на нафта, како и дека нема најава за какви било попречувања во снабдувањето. Во таа насока, Мицкоски додаде дека не се планира ограничување за набавките на горива што граѓани на соседните држави ги вршат во Македонија.

„Во текот на вчерашниот ден е забележано намалување на цената на нафтата и нафтените деривати на светските берзи за речиси дваесетина долари за барел, таа цена се движи тука некаде и денеска, помеѓу 95 и 97 долари за барел. Тоа е многу повисoко од цената што беше пред кризата, коja варираше меѓу 65 и 70 долари, а во еден период беше и 60 долари, но не е 120 долари, колку што беше. Така што, на дневна основа субвенционираме преку намалената стапка на ДДВ од 18 на 10 проценти, а во согласност со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика имаме намалување на акцизите од 4 денари за литар за дизелот и два денара за литар за безоловните горива“, изјави Мицкоски.

Тој повторно информира дека има зголемена побарувачка на бензинските станици во државава и оти во одредени денови таа надминува и над два милиона литри.

„Тоа е што е, на дневна основа ги следиме предизвиците, предизвици ќе има, дури и утре да заврши сето ова, ќе имаме ефект што ќе трае бидејќи производните капацитети во Заливот, пред сè, мислам на Кувајт, Ирак, Иран, Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), имаат сериозни оштетувања, некои трајни, некои делумни и дневно има недостиг приближно на 12 милиони барели нафта. Сега преку (Ормускиот) Теснец се пропуштаа танкери, дневно меѓу 7 и 10, а во одреден период можеби и повеќе, а пред кризата беа меѓу 50 и 100. Претседателот на Светската енергетска агенција кажа дека нафтените кризи од 1973, 1979 и 2022 година заедно се со послаб интензитет од оваа“, рече Мицкоски.

Премиерот вели дека предизвици има, но она што е важно за граѓаните и за бизнисот е дека имаме доволни количини дизел и други горива и нафтени деривати и во цевководот што беше пуштен на почетокот на годината, а кој ја поврзува ОКТА со солунското пристаниште, но и во државните резерви.

„Досега немаме најава за какви било попречувања во делот на снабдувањето, не планираме да воведуваме ограничувања. На тој начин ги помагаме и нашите соседи бидејќи неколку аеродроми од соседството добиваат керозин од нас. Голем дел од граѓаните од соседството се снабдува со бензин и дизел од нашите бензински станици. Одредени бензински станици ја имаат зголемено потрошувачката, така што сега засега, и покрај историски најголемиот обем на криза, како влада се справуваме прилично стабилно“, рече Мицкоски.