Skip to main content
Македонија

Мицкоски во Вашингтон: Македонија останува посветена на националните интереси и евроатлантската интеграција

20/02/2025  23:31

Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше гостин на Атлантскиот совет во Вашингтон, каде што разговараше со претседателот и извршен директор на Советот, Фредерик Кемпе. На средбата се дискутираше за актуелните геополитички предизвици, улогата на Македонија во евроатлантските интеграции и можностите за продлабочување на соработката во иднина.

Во своето обраќање, Мицкоски зборуваше и за иднината на трансатлантските односи, состојбите на Западен Балкан, како и за односите на Македонија со соседните држави, особено со Грција и Бугарија, во контекст на пристапувањето кон Европската Унија.

„Во разговорот во Атлантскиот совет истакнав дека и покрај значајните отстапки за напредок во евроатлантската интеграција, Македонија останува посветена на заштитата на своите национални интереси и идентитет. Посебен акцент ставив на улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур како гарант на човековите права и владеењето на правото, нагласувајќи дека нашата држава ги почитува сите негови пресуди“, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.