
Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно ја отвори темата за најавените реформи во правосудството, посочувајќи дека не може да поддржи зголемување на платите на судиите и јавните обвинители „кои немаат никаков рејтинг“ во јавноста.
„Моралот не ми дозволува да се согласам на зголемување на плати на луѓе кои, според мене, немаат доверба кај граѓаните. Ќе ја донирам својата плата за судиите и обвинителите, само нека судат согласно закон, а не како досега,“ изјави Мицкоски, говорејќи за реформите што беа нотирани и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2025 година.
Премиерот додаде дека Владата е соочена со сериозни буџетски ограничувања, бидејќи следната година треба да се вратат повеќе од две милијарди евра задолжувања направени од претходните влади.
„Следната година треба да вратиме над две милијарди евра. Во буџет од околу шест и пол милијарди, тоа е огромен товар. Ако јавноста мисли дека треба да ги дуплираме платите на обвинителите и судиите – нека каже,“ рече Мицкоски.
Тој нагласи дека реформите кои моментално се во фокус се однесуваат на измените во шест закони, меѓу кои се и оние за Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, но дека во суштина „главната реформа е зголемувањето на платите“.
Во врска со измените на Кривичниот законик, премиерот најави дека Владата ќе ги достави новите решенија до Собранието најдоцна до крајот на годината, за да не се дозволи „општа амнестија на криминалци“.
Говорејќи за односите со Бугарија и условот за промена на Уставот во контекст на европските интеграции, Мицкоски повтори дека Владата има јасно дефинирани „црвени линии“ и дека нема да дозволи промена на ставот.
„Подготвени сме да разговараме, но нема да прифатиме уставни измени под притисок. Додека сум јас премиер, тоа нема да се случи. Ако дојде друг – нивна работа,“ изјави Мицкоски.
Во однос на државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски, премиерот кусо рече:
„Почекајте и ќе видите.“

