
Заедничката изјава меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија за реципрочна, фер и балансирана трговија претставува значаен исчекор во унапредувањето на билатералните економски односи и продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји, оценува премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, објавата на Белата куќа е јасен сигнал за зголемена доверба и поддршка од страна на САД, како и основа за идни економски можности, нови инвестиции и зголемен извоз. Мицкоски посочува дека рамката на договорот го отвора патот кон сеопфатен трговски аранжман со тарифи кои нема да надминуваат 15 проценти, а за одредени производи и индустрии ќе бидат и целосно укинати.
„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција“, напиша премиерот на својот фејсбук-профил, додавајќи дека станува збор за политика насочена кон конкретни резултати и постепено зајакнување на соработката со стратешките сојузници.
Тој потсети дека ова следува по договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа, оценувајќи дека станува збор за континуитет на активности насочени кон зајакнување на меѓународната позиција на државата.
Од Белата куќа соопштија дека рамковниот договор ќе придонесе за зајакнување на трговските односи, поддршка на заедничките стратешки интереси и продлабочување на трансатлантското партнерство, со што извозниците од двете земји ќе добијат проширен пристап до меѓусебните пазари.


