
Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека размислува за промена на државниот грб, но апсолутно не размислува за промена на македонската химна, ниту пак му доаѓа на памет да влегува во таква дискусија.
Тој во интервју за Алсат истакна дека во изјава за медиумите дал внимателен одговор во кој што кажал дека владата во која што биле ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кој што ја предводеше Никола Груевски имала договор за да се смени грбот во државата.
На прашањето дали има иницијатива за таква промена премиерот Мицкоски рече:
„Ако има ќе знае јавноста, ќе влезе во парламентот. Но, дали размислувам? Да. Ценам дека хералдичкиот симбол земскиот лав е симбол на сите оние генерации кои што живееле во овие простори, и тоа не е некоја тајна“, порача Мицкоски.
Мицкоски порача дека химната е темелна вредност на една држава, нагласувајќи дека не гледа никаква причина зошто таа би се менувала.
„Химната е темелна вредност на една држава, односно еден од трите суштински атрибути кои што ја дефинираат државноста. А химната претставува историска генеза, химната практично ја прераскажува историјата на создавањето на една држава и нација. И јас тука не гледам никаква причина зошто таа би се менувала или во кој дел таа би се менувала“, дециден е Мицкоски.
Мицкоски порача дека ниту на памет не му паѓа да дискутира да разговара на тема за менување на македонската химна.
„Апсолутно, таман работа, ниту станува збор таа тема на дискусија, ниту на памет ми паѓа да влегувам во било каква расправа во која ќе се менува текст на химна, која што отсликува историска генеза на создавањето на оваа држава. Кој сум јас или кои сме ние тоа да го правиме“, порача Мицкоски.