
Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање изјави дека Владата ќе продолжи да ги субвенционира сметките за електрична енергија за домаќинствата и сите на регулираниот пазар.
„Регулаторот одлучува за висината на цената на електричната енергија. ЕВН Хоме е снабдувачот која што има јавна набавка за цела година за следната 2026 година, а ЕСМ согласно политиките на владата ги достави вкупните количини кои што се бараат согласно јавната набавка. Иако претходно како Влада бевме критикувани и во самиот извештај од ЕУ и од дел од јавноста, дека еден од чекорите кои што е дел од Планот за раст, а тоа е чекорот во кој што се предвидува либерализација на пазарот на електрична енергија со која ќе се снабдуваат домаќинствата.
И ние јасно кажавме дека да, тој чекор нема да го примениме, бидејќи ако го примениме тогаш цената на електричната енергија нема да биде 62, 65 евра, туку ќе биде повеќе од 100 евра за домаќинствата. И тогаш вкупната цена за домаќинствата ќе поскапи за дури фантастични 50 проценти. Ние рековме дека тоа нема да го преземеме со целиот политички ризик кој што го имаме како Влада и ќе продолжиме и понатаму да ја субвенционираме цената на електричната енергија за домаќинствата и сите оние потрошувачи кои што се на регулираниот пазар. Која ќе биде крајната цена ја одредува регулаторот, дали таа ќе поскапи 3, 4, 5, дали ќе поевтини како што тоа е случај изминатиот период итн, одредува регулаторот, откако ќе ја добие цената со која што снабдувачот ќе ги снабдува домаќинствата, потоа трошоците кои што ги има дистрибутерот, трошоците кои што ги има пренос операторот и конечно трошоците за организирање на пазарот на електрична енергија. Сите овие калкулации кога ќе бидат направени, тогаш регулаторот ќе ја одреди конечната цена која што ќе ја плаќаат граѓаните.
Инаку АД ЕСМ поднесе цена која што ќе биде 65 евра за мегават час, односно 3 евра по мегават час повеќе од тоа што беше во минатото. Ако во минатото беше 62, сега е за отприлика 4 проценти повеќе односно 65 евра мегават час. Но никако не е над 100 евра колку што е пазарната. Разликата, Владата продолжува да ја субвенционира, за да нема ценовен шок за домаќинствата и сите оние кои што се на пазарот кој што е регулиран”, посочи премиерот Мицкоски.
