Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Посветени сме на градење цврсто партнерство со Турција

28/02/2025  18:24

Ние сме посветени како држава на градење на цврсто партнерство и потврда за македонско турското пријателство на економски, политички и културен план, нагласи попладнево премиерот Христијан Мицкоски, кој е на прва официјална посета на Турција.

-Mорам да ги потврдам добрите односи меѓу двата народа. Кај нас турската заедница е лојален дел од македонското општество, исто како што и македонската заедница во Турција е значаен дел развојот на Турската држава. Јас во претседателот Ердоган гледам голем поддржувач и пријател. Неговото минато, исто како и минатото на Турција се поврзува со мојата татковина, и воедно ова е добра прилика да кажам дека тој е секогаш добредојден во Скопје, во Охрид и на било кое место кај нас, и се надевам дека тоа ќе го стори многу скоро. Уверен сум дека соработката меѓу двете држави ќе продолжи да се развива во духот на заемното почитување и заедничките интереси, со цел да обезбедиме подобра иднина за нашите граѓани, рече премиерот.

Мицкоски потенцира дека имал исклучително значајна и конструктивна средба со претседателот Ердоган и посочи оти оваа средба е потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу нашите две земји.

-Ми претставува исклучително задоволство што ова е прва моја посета на пријателска Турција, држава со која имаме многу заеднички елементи во културата, традицијата, заеднички интереси и одлични односи на македонскиот и турскиот народ, на македонските граѓани и на турските граѓани. На средбата разговаравме за продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена. Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар. Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна неодамна и како што објавивме имаме соработка во делот на енергетиката со значајна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодна и гасна мрежа во висина од би рекол до една милијарда долари, рече Мицкоски.