Skip to main content
Македонија

Мицкоски од Брисел: Нашето место е тука да бидеме рамноправна и полноправна членка на Европската Унија

18/12/2024  18:22

Интегрален текст од изјава за медиуми на премиерот Христијан Мицкоски:

„Добар ден од Брисел, престолнината на Европската Унија. Денеска сум тука и предводам македонска делегација во која што составен дел е министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски , министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, советникот мој за надворешни работи, амбасадорот Марковски, шефот на кабинет, Владимир Нелоски.

Денеска сме овде во Брисел да испратиме порака дека македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваа своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и дека нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите.

Во име на тоа, денеска работниот ден го започнав со билатерален состанок со заменик претседателката на Европската Комисија и одговорна за надворешна политика и одбранбени прашања Каја Калас. 

На состанокот разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот  многувековен идентитет  и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени.

Денот  ќе го продолжиме со билатерални средби со премиерот на Полска,  господинот Туск кој што ќе биде следниот претседавач на Европска Унија, понатаму, тука ќе биде и билатерална средба со премиерот на Шпанија, господинот Санчез, и исто така неколку часа ќе биде и официјалниот Самит на Европската Унија со Западен Балкан.

Очекувам навистина позитивни впечатоци, тука сме да ги браниме македонските интереси, македонскиот идентитет и истовремено да испратиме порака дека нашето место, веќе неколку пати тоа сме го потврдиле и го заслужуваме е токму тука да бидеме рамноправна и полноправна членка на Европската Унија.”