
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на намалувањето на цената на нафтените деривати и како ќе дојде до истото, изјави:
„Токму така, благодарам. Работевме заедно со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини изминативе денови со најголемиот, би рекол снабдувач, тоа е „ОКТА”. И добра вест за македонските граѓани е што „ОКТА” на компаниите коишто соработуваат со нејзе, од денеска ќе даде попуст, отприлика 45 до 50 долари по тон. Тоа би значело намалување некаде околу 2,5 денари по литар. А потоа разговарав и со голем дел од сопственици на бензинските пумпи коишто рекоа дека тоа ќе го пренесат на крајните корисници. Бидејќи регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, да веќе во текот на денот, за отприлика 2,5 денари по литар бидат намалени нафтата и нафтените деривати.
Што би значело тоа во средства, тоа би значело дека, да речеме литар дизел кај нас ќе биде 1 евро и 35 евро центи. Во соседството на пример, во Србија е веќе над евро и 80 евро центи, во Албанија е евро и 80 евро центи, во Косово е над евро и 50, евро и 60 евро центи. Во Европа е веќе над 2 евра, некаде во земјите на Европската Унија е 2,2 евра дизелот. Така што тоа што го кажавме, тоа и го правиме. Дека македонските граѓани ќе користат најевтини нафта и нафтени деривати и покрај тоа што сме на неколку стотици километри од воени дејства, жестоки воени дејства. Но, со добра организација, со еден конструктивен дијалог успеваме тие, би рекол предизвици, да ги надминуваме.”

