
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека примирјето во Заливот резултирало со мало намалување на цените на нафтата на светските берзи, но оти е рано да се проектира што ќе се случува на берзите наредната недела. Во однос на зголемувањето на цените во маркетите, пак, посочи дека ќе носат мерки во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата, но оти нема да се толерира непазарно однесување на ланците на маркети.
-Вчера се постигна времено примирје и тоа веднаш резултираше на берзите. Цената на нафтата е околу 20 долари по барел веднаш поевтина, споредена со таа што беше вчера, ќе видиме како ќе се движи, рано е уште да проектираме што ќе се случи во вторник, бидејќи понеделник е неработен ден, ќе треба да помине и четврток за да бидеме попрецизни, но ја следиме состојбата многу внимателно, рече Мицкоски при посета на општина Шуто Оризари.
Тој потсети дека според вчера објавените статистички податоци за трошоците за живот, тие се зголемени на годишно ниво за 4,9 проценти.
-Само ќе ве потсетам дека минатата година во март месец имавме и Рамазанска и Велигденска кошничка, па тука имаме ниско ниво со кое го спредуваме, но ако го споредиме месечното ниво од 0,7 проценти тогаш можеме да кажеме дека, повторно сме меѓу првите 5 во Европа, рече Мицкоски.
Тој додаде дека помала месечна стапка на инфлација од нас имаат Словенија, Словачка, Естонија и Белгија, а сите други се од 1,5, 2 па и повеќе проценти на месечно ниво, тоа значи дека до сега мерките даваат резултати.
-Имаме стратегија што после 20-ти април откако ќе истече кризната состојба. Јас очекувам смирување, но во овие нешто повеќе од 40 дена, регионално факт е дека имаме најниска цена на горивата за граѓаните , факт е дека граѓани од други држави доаѓаат кај нас за да се користат со бензините и дизел горивото што го има на нашите пумпи. За 20, 30 проценти е зголемена потршувачката, така што за разлика од онаа Македонија која коленичеше и молеше за помош во минатото, сега имаме една поинаква земја која генерира стабилност во регионот, нагласи Мицкоски.
На новинарско прашање за зголемувањето на потрошувачката кошница, Мицкоски рече дека ако се мисли на потрошуваката кошница од Сојузот на синдикати, самите автори рекле дека таа е просечна, а не е минимална.
-Апсолутно се согласувам со вас дека цените се високи и дека она коешто ние како Влада го правиме, а го имаме на располагање, е да имаме следни микро таргетирани мерки. Но, ја следиме, ќе повторам, состојбата и ќе носиме мерки во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата. Затоа што, сепак треба да имаме предвид дека оваа година враќаме две и пол милијарди евра стари долгови. Дека оваа година враќаме солидарен данок, којшто веќе почнавме да го враќаме. Дека исплаќаме Колективни договори и така натаму и така натаму. И нѐ задесија две војни, таа во Украина и таа во Заливот. Многу предизвици, но тоа е што е. Не кукаме, не очајуваме. Заедно сме со граѓаните и нема да дозволиме непазарно однесување на ланците на маркети. И тоа внимателно го следиме со вонредни инспекциски контроли од страна на Државниот пазарен инспекторат – одговори Мицкоски на новинарско прашање.
