
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 остро одговори на обвинувањата од опозицијата поврзани со неговите скапи рачни часовници. Тој не негираше дека поседува вредна колекција, но најави дека во наредниот период јавно ќе ги обелодени сите докази за платените даноци, оценувајќи дека дел од критиките доаѓаат од, како што рече, „талогот на општеството“.
Мицкоски истакна дека нема намера да се крие или да се правда за имотот што го поседува, нагласувајќи дека средствата се заработени чесно, додека работел за европски компании, пред да стапи на премиерската функција.
Коментирајќи ги, како што рече, секојдневните напади и фотографиите од неговите часовници кои кружат во јавноста, премиерот беше дециден:
„Гледам дека сум тема овие денови на оној мал дел во политичкиот свет кој јас ги нарекувам талог на општеството. Не криев дека сум љубител на убави часовници и дека поседувам во својата колекција“, изјави Мицкоски.
За да ги, според него, замолчи шпекулациите за потеклото на имотот, премиерот најави целосна транспарентност пред јавноста.
„Во периодот кој следи транспарентно ќе објавам колку сум платил данок на државата во времето кога сум работел за европски компании, како и колку дополнително данок сум платил“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека нема од што да се срами и дека сè што стекнал е резултат на чесен и достоинствен труд.
„Немам причина да се срамам од тоа што сум го работел, затоа што сум го работел чесно и достоинствено. Нема да дозволам да се извалка името на моето семејство. Никому ништо не должам и секогаш постапувам во интерес на Македонија“, заклучи премиерот.

