
Не очекувам од нашиот источен сосед и да испрати поинаква порака. Тие мора пред нашите европартнери и партнерите во НАТО да рефлектираат реторика со која ќе не обвинуваат нас, дека ние сме тие, а во суштина светот и Европа видоа која беше целта на бугарските политичари, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со реакцијата на бугарските власти дека Македонија со својата реторика создава непријателска клима што влијае на евроинтеграциите.

-Целта на бугарските политичари во ништо не се разликува од онаа цел што ја има руското раководство во Украина, а тоа е обид за асимилација на македонскиот народ и еден вид идентитетски инженеринг кој навистина најмалку треба да се случува во 21 век во Европа и тоа од земја членка на ЕУ која треба да споделува европски вредности. Наместо да и ја подадат раката на Македонија, наместо да не поддржуваат на патот кон полноправно членство во ЕУ што е и дел од Договорот за добрососедство, тие имаат поинаква цел и добро е што сите успеаја да видат. Добро е што сите сега веќе знаат која е крајната цел – дека не е неколку стотини македонски граѓани да бидат дел од Уставот, туку дека целта е многу подлабока и попасна и за Европа. На тој начин и ЕУ губи дел од својот имиџ и не знам до кога ќе има трпение со нашиот источен сосед, рече Мицкоски.