
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за вестите на Алсат Телевизија говорејќи за членството во ЕУ и проблемот со Бугарија, истакна дека мотивите на владите на СДСМ и ДУИ биле попустливост кон Бугарија, прифаќајќи се што ќе им се понуди, со цел попустливост за криминалите, додека за разлика, мотивот на оваа влада е членство во ЕУ со зачувано достоинство.

„Многу јасна е работата, претходната влада влегла во оваа авантура мислејќи дека се што ќе им биде поставено на маса ако го потпишат, ќе добијат поддршка од надвор за да останат во владата. И тоа бил мотивот на Маричиќ, на Ковачевски, Османи, Пендаровски итн. Прашањето беше дали ќе останат на власт и ќе продолжат со криминалот со кој владееја или нема да останат на власт и ќе бидат опозиција каде што се сега.“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот во однос на мотивите на официјална Софија, посочи дека тие се децениски историски, а тоа е да се создаде нов вештачки македонски идентитет, нов вештачки македонски јазик коишто почиваат на бугарски корени.
„Нашиот мотив е сосема поинаков. Македонија, нашата заедничка на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, на сите граѓани во Европската Унија по достоинствен пат. Тоа е разликата помеѓу нас и нив.“, нагласи премиерот Мицкоски.
Во врска со изјавите на бугарскиот министер за надворешни работи, премиерот Мицкоски потсети дека истиот тој министер за надворешни работи пред неколку месеци изјави дека ова е само почеток и дека во текот на преговорите има уште многу работи кои ќе треба да се дорешат.