
Премиерот Христијан Мицкоски денеска остро реагираше на изјавата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој тврди дека иницијативата за негово разрешување е политички мотивирана. Според Мицкоски, аргументите за работата на обвинителството се видливи за целата јавност.
„Ние не очекуваме од јавниот обвинител да каже дека е виновен или дека не успеал во својата работа. Едноставно, тоа е очекувано што тој го кажува. Јавноста ги гледа аргументите, сведочи за неговата работа, за работата на Обвинителството и на судовите. За жал, малкумина се тие што се обиделе да направат промени, а тој е заробеник во рамките на Обвинителството“, рече Мицкоски.
Во врска со најавата на Коцевски дека ќе се спојат предметите за дивоградбите во Чаир – едниот отворен по „Допрен глас“, а другиот по пријава на поранешната градоначалничка Данела Арсовска – премиерот нагласи дека доколку постои криминал, не треба да има дилеми.
„Органите треба да си ги вршат своите работи. Ако Обвинителството одлучило да ги спои предметите, тоа е нивна работа, немам што да коментирам. Доколку постои основа за било какви кривични дела, нема тука дилема“, додаде Мицкоски.

