
Соопштение за јавност на ВМРО-ДПМНЕ:
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски, со партиска делегација во чиј состав е генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки и членот на Извршниот Комитет Стефан Андоновски, од денес и следните два дена во Брисел ќе присуствуваат на Конгресот на Европската народна партија, на којшто се поканети и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
Мицкоски и делегацијата ќе присуствуваат на свеченоста на Европската народна партија којашто во Брисел свечено ќе ја одбележи 50-годишнината на ова политичко семејство, пет децении централна улога во изградбата на Европа, обликувајќи ја нејзината насока и бранејќи ги нејзините основни вредности.
Присуството на премиерот Мицкоски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на овој висок собир, претставува потврда за цврстата определба на Република Македонија за европска интеграција, како и за активна вклученост во процесите кои ја дефинираат иднината на Европа. Воедно, ова учество е значајна можност за афирмација на националните интереси и за зајакнување на позицијата на државата во рамки на европското политичко семејство.
Оваа можност ќе биде искористена за билатерални средби на Мицкоски и партиската делегација со присутните претседатели, премиери и лидери од семејството на Европската народна партија.
