Skip to main content
Македонија

Мицкоски ќе информира за договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство

17/05/2025  09:47

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ќе информира за постигнатата согласност со британскиот премиер Кир Стармер за договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.

Двајцата премиери вчера на средбата во Тирана одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница, оценија дека договорот за стратешко партнерство ќе значи уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.

– Ова е мошне важно за нас. Имаме цврсти односи меѓу нашите две земји и фактот што можеме да го потпишеме овој меѓувладин договор, сметам дека е од голема важност и тоа покажува дека ние ќе решаваме многу работи меѓу двете држави. Ова е навистина одлична можност и се радувам на оваа билатерална средба и на билатералниот договор. Мислам дека имаме многу да направиме заедно и со ова само ќе напредуваме. Се надевам дека ќе можеме уште повеќе да работиме заедно, со вашата земја и да ги продлабочиме односите кои што ги имаме, изјави Стармер на средбата со Мицкоски.

И македонскиот премиер Мицкоски изрази задоволство и благодарност за постигнатата согласност за договорот за стартешко партнерство со Обединетото Кралство.

– Навистина сум мошне возбуден што ќе работиме заедно, што нашите две држави ќе можат да работат заедно. Ние сме сојузници во НАТО и со овој меѓувладин договор сигурен сум дека ќе имаме уште поголема билагтерална соработка, ќе ги зацврстиме нашите врски. Со ова ќе се подобри и ќе се сподели искуството на Обединетото Кралство во овој дел на Европа. Сметам дека Балканот е навистина инспиративно место и ви посакувам добредојде во вашата многу посилна улога во тој дел на Европа, истакна Мицкоски на средбата со Стармер.

Договорот за стартешко партнерство со Обединетото Кралство, како што посочи македонскиот премиер во изјава за медиумите, е историски настан за нас, и ќе овозможи инвестициски циклус од пет милијарди фунти или околку шест милијарди евра во делот на инфраструктурата, железницата, транспортот, здравтсвото, итн.

– Договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, влада со влада, е привилегија, бидејќи зборуваме за една од најголемите велесили во светот и влада на држава које е една од најголемите во Европа и таа нема вакви договори со многу земји, можеби сме една од ретките. Во деновите што следат сите детали ќе бидат објавени во македонската јавност, кажа Мицкоски.

Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји е резултат на повеќемесечни интензивни преговори меѓу дипломатски и експертски тимови од двете страни. Договорот, кој се оценува како историски, ќе отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени. Ова е договор кој ја позиционира Македонија во поширокиот круг на интереси на една од водечките светски сили. Станува збор за конкретна и долгорочна определба за зајакнување на билатералните врски со Обединетото Кралство.

Со потпишувањето на договорот, Македонија ќе добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетиката, инфраструктурата и иновациите. Дополнително, соработката ќе опфати и засилен политички дијалог, како и координација во рамки на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.