Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Форумот во Будимпешта носи нови партнерства, Македонија меѓу водечките во Европа по инвестиции

30/03/2026  16:48

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска се обрати на бизнис форумот во Будимпешта, на тема „Ден на деловна соработка помеѓу Унгарија и Македонија”, настан кој обедини претставници на институциите и деловните заедници од двете земји со цел продлабочување на економските односи, размена на искуства и отворање нови инвестициски перспективи.

Во своето обраќање, премиерот Мицкоски истакна дека ваквите форуми не се само платформа за размена на идеи, туку конкретен механизам за воспоставување нови партнерства и зајакнување на економската соработка меѓу двете пријателски земји. Тој нагласи дека директната комуникација меѓу компаниите е клучна за создавање нови деловни модели, за отворање пазари и за генерирање одржлив економски раст.

Премиерот посочи дека нововоспоставената авиолинија меѓу Скопје и Будимпешта претставува значаен чекор напред во поврзувањето на двете држави, не само од аспект на мобилноста, туку и како силен поттик за развој на бизнис соработката, инвестициите и туризмот. Тој изрази уверување дека оваа директна врска ќе придонесе за зголемена динамика во економските односи и ќе отвори простор за нови иницијативи и проекти.

Во делот посветен на економските перформанси, Мицкоски истакна дека Владата спроведува политики насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина. Како резултат на тоа, во 2024 година државата достигна историски највисоко ниво на странски директни инвестиции, во износ од околу 1,25 милијарди долари, што ја позиционира меѓу водечките дестинации во Европа според инвестиции по глава на жител.

Премиерот се осврна и на политичката стабилност и институционалниот капацитет на Владата, потенцирајќи дека стабилното парламентарно мнозинство и континуитетот на изборните победи создаваат сигурна основа за спроведување на реформите и за долгорочен економски развој. Тој додаде дека Владата останува целосно посветена на реформската агенда, унапредување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и дигиталната трансформација, како предуслови за привлекување нови инвестиции.

Во своето излагање, премиерот се осврна и на европската перспектива на државата, нагласувајќи дека и покрај предизвиците и долгогодишниот процес, земјата останува фокусирана на реформите и исполнување на критериумите врз основа на заслуги. Тој истакна дека напредокот треба да се вреднува објективно и во согласност со европските стандарди, со јасна цел – подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Премиерот Мицкоски упати јасна порака до деловната заедница дека Македонија е отворена за инвестиции и партнерства, нудејќи поволни услови, стратешка географска позиција и квалификувана работна сила. Тој ги охрабри унгарските компании да ги разгледаат можностите за инвестирање во земјата, но истовремено потенцираше дека македонските компании се подготвени да ги прошират своите активности и на унгарскиот пазар.

На крајот од обраќањето, премиерот изрази уверување дека денешниот форум ќе резултира со конкретни договори, нови деловни врски и долгорочни партнерства кои ќе придонесат за економскиот развој на двете земји.

На овој бизнис форум се претставени неколку десетици македонски компании и тие директно се вмрежуваат со унгарската бизнис-заедница, што претставува огромна можност за искористување на постојните потенцијали.