
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од страна на опозицијата дека не се одбранил македонскиот јазик и идентитет, изјави:
„Па видете, луѓето коишто распродадоа сѐ што можеше да се распродаде во минатото, а којашто претставува идентитетска одредница, почнувајќи од знамето, завршувајќи со името, јас мислам дека апсолутно немаат кредибилитет да судат и да пресудуваат. А што направи оваа Влада? Се обиде да врати дел од загубеното и делумно успеавме, затоа што ќе остане запишано и ќе има институционална меморија, Европскиот извештај којшто беше изгласан на АФЕТ, Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент и истиот со тој текст, вчера се најде пред европратениците. Да потсетам дека обидот беше, целосно преименување на македонскиот идентитет и јазик од страна на некои европратеници коишто со своето неодговорно однесување се обидоа да го додефинираат како „модерен”. Тоа не успеа, бидејќи мнозинството европратеници ја прочитаа намерата и тоа не успеа. Но, за жал успеа она бришење од самиот Извештај на македонскиот идентитет и јазик, она коешто веќе беше усвоено на АФЕТ Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент. И она што е уште поважно, е што Европа, светот, македонските граѓани видоа дека Договорот постигнат 2022 или како да кажам прифаќањето на тогашниот предлог во суштина не претставува само лесна промена, интервенција во преамбулата и внесување на дел од бугарското малцинство во истиот, туку проблемот е многу подлабок, многу посуштински, а тоа е негирање на идентитет, на јазик, на еден од најмалубројните народи во Европа од страна на неговиот, во случај источен сосед или соседна Бугарија. Тоа е за мене чин без преседан, е сѐ само не европска вредност и јас навистина не можам да прифатам како европратеници коишто вчера гласаа за бришење од Извештајот на македонскиот идентитет и јазик, мирно ќе спијат, а им благодарам на сите оние сто дваесет и нешто коишто гласаа против и на оние нешто повеќе од стотина коишто се воздржаа од било какво гласање.”